Како што се наведува во истражувањето, најголема разлика во бројот на смртни случаи има во Клиничкиот центар Ниш, каде што официјално починале 77 пациенти, а според изворот на БИРН има 243 смртни случаи
Од 19 март до 1 јуни од ковид-19 во Србија починале 632 лица, додека официјално беше објавено дека во тој период има 244 смртни случаи, објави Балканската истражувачка репортерска мрежа (БИРН).
Во истражувањето тие се повикуваат на документ под наслов „Извештај за Владата“ и увид што го имале новинарите на оваа истражувачка мрежа во официјалниот информативен систем за известување за коронавирусот.
БИРН дознава дека бројот на заразени лица во последните денови е многу поголем отколку што официјално се соопштува – според нивното истражување, меѓу 300 и 340 на ден, додека официјалните бројки биле над 90 дневно.
Како што се наведува, најголема разлика во бројот на смртни случаи има во Клиничкиот центар Ниш, каде што официјално починале 77 пациенти, а според изворот на БИРН има 243 смртни случаи.
Најголем број смртни случаи, дознава БИРН, имало во средината на април – просечно по 20 луѓе дневно, кои во базата на податоци биле означени како позитивни за вирусот. На пример, на 12 април починале 23 лица, а официјално е соопштено за само шест.
Ниту едно од официјалните лица не одговорило на прашањата на БИРН за коментар на нивните податоци.