Револтот на просветните работници, вели претседателот на Независниот синдикат за образование и наука, Томислав Гиевски, во интервуто за РСЕ, е главно поради ниските, потпросечни плати на наставниците во основните и средните училишта, непочитувањето на колективните договори, но и поради најавените промени во образованието кои, како што вели, не се совпаѓаат со законите
Постојат огромни шанси оваа учебна година да започне со штрајк на наставниците, вели во интервју за Радио Слободна Европа (РСЕ) претседателот на Независниот синдикат за образование и наука, Томислав Гиевски.
Револтот на просветните работници, вели Гиевски, е главно поради ниските, потпросечни плати на наставниците во основните и во средните училишта, непочитувањето на колективните договори, но и поради најавените промени во образованието кои, како што вели, не се совпаѓаат со законите.

Основното барање на просветните работници во основното и средното образование е целосно почитување на колективните договори, односно на методологијата за пресметка на плата, која, како што тврди претседателот на Независниот синдикат, не се почитува од 2013 година.
„Методологијата се состои од коефициент помножено со најниската плата за најнизок степен на сложеност во државата. Кај нас во секторот образование се користи најниска плата којашто е за висок процент пониска од минималната плата на државно ниво. На тој начин грубо се крши законот, незаконски се намалува платата на просветните работници и се создава ситуација просветните работници да бидат потпросечно платени, односно живееме во држава којашто е единствената во Европа каде што просветните работници се платени со почетна плата којашто е пониска од републичкиот просек“,
вели Гиевски во интервјуто за РСЕ.
Гиевски додава дека наставник во основно образование зема плата од 29 200 денари, а како што вели, доколку колективниот договор се спроведе во целост и онака како што е напишан, почетната плата на просветните работници треба да биде два и пол пати повисока од минималната плата.