Рано утрово напад со беспилотно летало предизвикал пожар во рафинеријата во Славјанск во Краснодарската област на југот на Русија, каде што властите соопштиле дека едно лице починало од срцев удар, додека две лица починале по напади со беспилотни летала во рускиот град Белгород
Денеска е последниот трет ден од гласањето на претседателските избори во Русија. Критичарите на претседателот Владимир Путин и неговиот режим во Кремљ повикаа на масовни протести на руските избирачки места, на последниот ден од гласањето на претседателските избори, кои, според „Гардијан“, гарантирано ќе го зацврстат неговото тврдокорно владеење.

Тридневното гласање во Русија веќе беше погодено од украински бомбардирања и серија упади на руска територија на диверзантските групи против Путин.
Рано утрово напад со беспилотно летало предизвикал пожар во рафинеријата во Славјанск во Краснодарската област на југот на Русија, каде што властите соопштиле дека едно лице починало од срцев удар, додека две лица починале по напади со беспилотни летала во рускиот град Белгород.
Руското Министерство за одбрана објави 35 упади на украински беспилотни летала, вклучувајќи четири во Московскиот Регион и два во соседните региони Калуга и Јарослав. Повеќе украински беспилотни летала ги нападнаа и регионите на Белгород, Курск и Ростов што граничат со Украина и во јужниот регион Краснодар.
За време на гласањето имаше протестни акти, вклучително и истурање боја во гласачки кутии и подметнување пожари на избирачките места.
Пред да почине, Алексеј Навални поттикна масовни собири против Путин и ги повика Русите да протестираат на денот на изборите.
Неговата вдовица Јулија Навалнаја, го повтори неговиот повик во пресрет на изборите и рече дека демонстрантите треба да се појават во голем број во исто време за да ги преполнат избирачките места.
Таа ги повика демонстрантите да ги расипуваат гласачките ливчиња со пишување „Навални“ на нив или да гласаат за други кандидати освен за Путин.
Од почетокот на офанзивата на Москва во Украина во 2022 година, секое јавно несогласување во Русија е строго казнувано. Постојано има предупредувања од властите против изборните протести.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш и повеќе од 50 земји членки ја критикуваа Москва за одржувањето на изборите со гласање во делови на Украина, при што Гутереш рече дека „обидот за нелегална анексија“ на тие региони „нема важност“ според меѓународното право.
Москва се обиде да ја притисне својата предност на фронтот, бидејќи поделбите околу западната воена поддршка за Украина доведоа до недостиг на муниција, иако Украина вели дека засега успеала да го запре руското напредување.
Во рускиот ракетен напад врз украинскиот пристаништен град Одеса на Црното Море пред неколку дена загина 21 лице, вклучително и спасувачи кои одговорија на првичниот удар, напад што украинскиот претседател Володимир Зеленски го опиша како „гнасен“.
Од руска страна, армијата пријави повторени обиди на украински диверзантски групи да преминат во Русија, а локалниот гувернер во регионот Белгород донесе одлука трговските центри и училиштата да бидат затворени во текот на гласањето во градот Белгород и околината.
За претседателската функција се борат четворица кандидати – Леонид Слуцки, Николај Харитонов, Владислав Даванков и актуелниот претседател Владимир Путин.
Според анализите и предвидувањата на европските и американските медиуми и агенции, Путин важи за апсолутен фаворит и се очекува непречено да го добие новиот мандат во Кремљ.
Московските медиуми проценуваат дека бројот на гласачи во Русија е 112 милиони, но таа бројка всушност вклучува 4,5 милиони луѓе во окупираните делови на украинските региони Донецк, Луганск, Запорожје и Херсон. Покрај тоа, два милиони Руси кои живеат во другите земји, исто така, имаат право на глас.