Директорот на Државниот завод за статистика соопшти вечерва дека нема да се бара дополнителен рок за попишување
Еден ден пред завршување на пописот, директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, за Алсат вечерва соопшти дека нема да се бара дополнителен рок за завршување на оваа операција. Тој уверува дека Заводот е добро организиран и оти утре сè ќе заврши според планираното.
За продолжување на пописот партиите имаат различни ставови. Од СДСМ велат дека немаат конкретен став додека евентуално не дојде таква иницијатива од Заводот за статистика, од ДУИ рекоа дека ќе ја поддржат секоја иницијатива на надлежните институции, додека од Алијанса за Албанците побараа пописот итно да биде продолжен преку законски измени во Собранието. ВМРО-ДПМНЕ најави дека нема да учествува на евентуална таква седница.
Министерот за правда, Бојан Маричиќ, изјави денеска дека државниот завод за статистика дава максимални напори до крајот на утрешниот ден да се комплетира пописот. Наша цел е, рече Маричиќ, сите граѓани да се попишат и ниту еден да не остане непопишан,
Пописот почна на 5 септември и според важечкиот Закон за попис треба да заврши утре (30 септември). Во меѓувреме имаше застој од неколку дена поради проблеми со апликацијата.