Од Државниот завод за статистика вчера за „360 степени“ рекоа дека сѐ уште не решиле дали ќе побараат пописот да биде продолжен за неколку дена, за да се попишат сите преостанати граѓани и дека најдоцна до денеска ќе проценат дали има потреба да се бара продолжување на пописот
До синоќа до 20:00 часот се попишани 1 768 710 граѓани, 548 694 домаќинства и 795 494 станови. Во однос на дијаспората до изутрината се самопопишале 201 247 наши иселеници
Државниот завод за статистика дава максимални напори до крајот на утрешниот ден да се комплетира пописот. Наша цел е сите граѓани да се попишат и ниту еден да не остане непопишан, изјави денеска министерот за правда Бојан Маричиќ, откако вчера претседателот на Собранието Талат Џафери рече дека не е проблем да се закаже седница за евентуално продолжување на рокот за спроведување на пописот, но ако измените на законот ги предложи Владата или 20 пратеници.
Но, од Државниот завод за статистика вчера за „360 степени“ рекоа дека сѐ уште не решиле дали ќе побараат пописот на населението, домаќинствата и становите да биде продолжен за неколку дена, за да се попишат сите преостанати граѓани и дека најдоцна до денеска ќе проценат дали има потреба да се бара продолжување на пописот.
До вчера процените на раководството на ДЗС се дека веројатно нема да има потреба од продолжување на операцијата, и покрај прекинот од неколку дена во почетокот, кој беше образложен со технички проблеми на апликацијата.
„Има уште време до утре, тоа што го знам е дека одредени реони се целосно попишани и тие попишувачи кои ја завршиле работата таму доаѓаат во реони каде што се уште има потреба да се врши пописот. Отворени се дополнителни пунктови каде граѓаните сами можат да се попишат доколку не биле најдени дома или од некоја причина досега не се попишани“,
рече Маричиќ додавајќи дека е во постојана комуникација со Заводот за статистика и врз основа на нивните проценки и информации ќе носат одлуки за понатаму.
Доколку би се побарало продолжување, според Џафери, тоа треба да биде направено во следните два дена, имајќи предвид дека пописот законски треба да заврши на 30 септември.
Пописот 2021 почна на 5 септември. Иако оваа статистика операција вообичаено треба да трае 20 дена, овој пат беше даден дополнителен рок од пет дена, со оглед на очекуваните пречки поради ковид-пандемијата, како и поради тоа што земјава речиси една деценија чека на нови податоци за населението, со оглед на тоа што последниот попис беше спроведен во 2002 година, а стандардите предвидуваат попишувањето да се организира во почетокот на секоја нова декада.
На денешната прес-конференција, владините портпаролите ги соопштија и последните податоци поврзани со пописот, при што според Државниот завод за статистика до синоќа до 20:00 часот се попишани 1 768 710 граѓани, 548 694 домаќинства и 795 494 станови. Во однос на дијаспората до изутрината се самопопишале 201 247 наши иселеници.
„Апелираме до сите оние граѓани кои од кои било причини досега не успеале да остварат контакт со попишувачите, но и до оние граѓани кои во овие два дена нема да бидат дома, да ја остварат својата законска обврска во пунктовите за попишување во своите општини“,
велат од Владата.