Вкупно 702 лица кои се позитивни или суспектни на ковид-19 се лекуваат во ковид центрите надвор од Скопје, информира Mинистерството за здравство.
Во болниците во другите градови има околу 90 слободни места, а од Министерството за здравство велат дека се прават исписи на оздравените пациенти со што очекуваат да се ослободат дополнителни легла.
Во болниците во Скопје пак хоспитализирани се 347 пациенти потврдени и сомнителни на ковид-19. Само во последните 24 часа биле примени 40 нови пациенти.
Од министерството велат дека, и покрај големиот број на приеми, слободни места во моментов има доволно во ковид-центрите на интерните клиники, а се очекува во тек на денот ,по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат места и на Клиниката за инфективни болести и во ГОБ „8 Септември“.
„ И покрај големиот наплив на пациенти во изминативе десетина дена, Министерството за здравство е во постојан контакт со сите болници и доколку има потреба, капацитетите на ковид одделенијата ќе бидат дополнително проширени“,
велат од Министерството за здравство.
По извештаите на болниците кои пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, во болницата во Битола се хоспитализирани 75 пациенти позитивни и сомнителни на ковид-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 58 пациенти.
На инфективното одделение во Тетово има 48 пациент, во Велес се лекуваат 67 болни, а во Куманово 73 пациенти позитивни на ковид 19.
Во ковид центарот во Охрид има хоспитализирано 95 пациенти, во Прилеп 91, во ковид центарот во Гостивар 42, а во Струга 30 позитивни и ковид суспектни пациенти.
Во болницата во Струмица лежат 30 пацинети, во Кочани 23, во Кичево 20, Кавадарци 39, а во Гевгелија 11 лица позитивни на корона вирусот.