Голем дел од хоспитализираните се на кислородна поддршка, велат од Министерството за здравство
Вкупно 347 пациенти потврдени и сомнителни на ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во болниците во главниот град. Голем дел од нив се на кислородна поддршка, соопштија од Министерството за здравство.
Нови 40 пациенти, позитивни и сомнителни на ковид-19 се примени во изминатите 24 часа во ковид-центрите во Скопје.
На интерните клиники имало вкупно 10 приеми – шест во ковид-центарот на Клиниката за кожни болести и четири на Институтот за белодробни заболувања и ТБЦ.
На Клиниката за инфективни болести во изминатото деноноќие имало 20 приеми, а во ковид-центарот во ГОБ „8 Септември“ се примени 10 нови пациенти.
Од центрите, како што се посочува, се пријавени 37 оздравени пациенти кои биле пуштени дома.
На Кожната клиника во ковид-центарот во моментов се лекуваат 30 пациенти, на Клиниката за неврологија 25 болни, а на Институтот за ТБЦ се примени вкупно 54 пациенти со симптоми на коронавирусот. Во ГОБ „8 септември“ има 79 болни, на Клиниката за инфективни болести лежат 157 пациенти, додека во Институтот за белодробни заболувања кај деца – Козле има 41 пациент од кои 14 деца и 27 возрасни.
Од МЗ велат дека, и покрај големиот број на приеми, слободни места во моментов има доволно во ковид-центрите на интерните клиники, а се очекува во тек на денот ,по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат места и на Клиниката за инфективни болести и во ГОБ „8 Септември“.
Од викендот пациенти ќе почнат да се примаат и во новите ковид-центри на клиниките за нефрологија и за гастроентерохепатологија, стои во соопштението.
Бројката на пациенти кои се хоспитализирани во скопските ковид-центри вчера беше повисока. МЗ вчера претпладне информира дека на болничко лекување во главниот град се 382 пациенти.
Збирната бројка на пациенти што се хоспитализирани во ковид-центрите во внатрешноста засега е над 68, како што извести синоќа МЗ.