Во изминатото деноноќие во ковид-центрите во Скопје се примени 38 пациенти со симптоми на вирусот ковид-19. На интерните клиники имало 12 приеми, и тоа четири во ковид-центарот на Клиниката за дерматологија, пет приеми во центарот на Клиниката за неврологија и три пациенти се хоспитализирани на Институтот за белодробни заболувања и ТБЦ. На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во изминатото деноноќие имало 18 приеми, а во ковид-центарот во ГОБ „8 Септември“ се примени 9 нови пациенти.
„До утрово во 8 часот, вкупно 382 пациенти се хоспитализирани во ковид-центрите во Скопје. Капацитетите се генерално исполнети, но има слободни места. Слободни места во моментов има во ковид-центрите на интерните клиники, а се очекува во текот на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места и на Клиниката за инфективни болести и во ГОБ ‘8 Септември’“,
велат од Министерство за здравство.
Во моментов, на Клиниката за дерматологија во ковид-центарот се лекуваат 27 пациенти, на Клиниката за неврологија 24 болни, а на Институтот за ТБЦ се примени вкупно 53 пациенти со симптоми на коронавирусот. Во ГОБ „8 септември“ има 79 болни, на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби лежат 158 пациент, додека во Институтот за белодробни заболувања кај деца Козле има 42 пациенти, 14 деца и 28 возрасни.
На Интерните клиники во ковид-центрите на Клиниката за неврологија и на Клиниката за дерматовенерологија, покрај постојните 64 кревети, ќе се стават во функција и дополнителни легла, а од сабота пациенти ќе се примаат и во новите ковид-центри на Клиниката за гастроентерохепатологија и на Клиниката за нефрологија.
„Овие клиники располагаат со кислородни места за третман на пациентите кои имаат потреба од кислородна поддршка. На Институтот за белодробни заболувања и ТБЦ капацитетите се генерално полни, но во тек на денот се прават исписи на оздравени пациенти и постепено се ослободуваат дополнителни места. Оваа клиника располага со 56 места за лекување на ковид-пациенти“,
велат од Министерство за здравство.
Сите нови оддели на Интерните клиники располагаат со болнички места до кои имаат довод на кислород. Во тек е доопремување со останатата медицинска опрема која им е потребна на лекарите, а од денес покрај пулмолог, достапен за консултации на интерните клиники ќе биде и лекар анестезиолог од КАРИЛ.