Иако Обвинителството побарало мерка притвор, судија на претходна постапка го одбил барањето и му определил куќен притвор со мерка на претпазливост – привремено одземање на пасошот
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција донесе Наредба за спроведување истрага против полициски службеник кој се товари дека сторил кривично дело обљуба со злоупотреба на положбата.
Имено, на крајот на месец јули, осомничениот униформиран полицаец од станицата „Бит Пазар“ на булеварот „Крсте Петков Мисирков“ во Скопје, околу 22:30 часот пред хотелот „Дајмонд“, запрел возило за кое по проверката било констатирано дека лицето кое управувало со возилото немало возачка дозвола. Наместо да ја казни, тој започнал да ја фаќа оштетената по рацете, главата и горниот дел од телото, по што влегол во возилото, ја повлекол нејзината маица и започнал да ја бакнува во пределот на градите, вратот и лицето.
„Потоа напуштајќи го возилото ѝ рекол ‘Сега ќе те пуштам. Јас морам да пипнам, морам да видам’ и со трескање ја затворил вратата од возилото на оштетената и ѝ одобрил да си замине. Оштетената го ставила возилото во движење и го пријавила настанот, по што во координација со јавен обвинител беа преземени предистражни дејствија за расветлување на случајот. Врз основа на земени примероци за ДНК и извршено препознавање беше утврден идентитетот на полицискиот службеник и против него е поднесена кривичната пријава“,
велат од ОЈОГОКК.
Иако Обвинителството предложило мерка притвор поради постоење на околности кои го оправудваат стравот од опасност од бегство, сепак судија на судијата на претходна постапка не го прифати предлогот на обвинителството и на осомничениот му определи мерка куќен притвор и мерка на претпазливост – привремено одземање на патната исправа за преминување на државната граница и забрана за издавање нова.
Од Обвинителството велат дека се незадоволни со оваа одлука и дека ќе поднесат жалба, особено имајќи предвид дека запретената казна за кривичното дело за кое се товари осомничениот е најмалку пет години затвор.