Покрај датумот за одржување на седницата, според него, утврдени се спорните правни прашања во врска со иницијативите по овој закон, како и листата на учесници, која ќе биде отворена за јавноста
На денешниот работен состанок во Уставниот суд договорено е подготвителната седница за Законот за употреба на јазиците да се одржи на 20 март 2025 година, изјави претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, за МИА.

Покрај датумот за одржување на седницата, според Костадиновски, утврдени се спорните правни прашања во врска со иницијативите по овој закон, како и листата на учесници, која ќе биде отворена за јавноста.
На вчерашната прес-конференција, на која го презентираше сработеното на Уставниот суд за оваа година, тој рече дека подготвителната седница за Законот за јазици се очекува да биде одржана во периодот од 19 до 21 март.
Посочи дека на листата на учесници на седницата што ја предложил судијата известител се предложени повеќе од 20 имиња, како експерти по уставно право, меѓународно право, човекови права и поранешни судии на Европскиот суд за човекови права.
Уставниот суд на седница одржана на 11 декември донесе одлука да одржи подготвителна седница за иницијативите поврзани со Законот за употреба на јазиците пред да се произнесе за неговата и уставноста на дел од неговите одредби.
„За“ одржување подготвителна седница беа петмина од шесте присутни судии. Инаку, Уставниот суд има вкупно девет члена.
Тогаш, Костадиновски рече дека одлуката за одржување подготвителна седница за иницијативите за оценување на уставноста и законитоста на Законот за употреба на јазиците не треба да се толкува како слабост.