Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство и инспектори за пожар од Дирекцијата за заштита и спасување влегоа во трговскиот центар „Глобал“ и почнаа со истражување на причините за избувнувањето на големиот пожар.
Ова за МИА го соопштија од ОЈО Струмица, а почнувањето на увидот го потврди и Митко Димчев, инспектор во Дирекцијата за заштита и спасување, кој информираше дека пожарот е изгаснат и истражителите можат да почнат со работа.
Од пожарот што избувна во сабота навечер опожарена е една третина од Градскиот пазар, повеќе продавници на приземјето и првиот кат, како и дел од вториот.
Премиерот Зоран Заев и градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски, вчера беа на увид на местото на настанот. Тие, исто така, најавија организирање масовна солидарна акција за расчистување и возобновување на трговскиот центар, како и акција за финансиска помош.
