Пожарот кој избувна во приземјето на Трговскиот центар „Глобал“ се прошири и во внатрешноста на објектот. Струмичкиот градоначалник Коста Јаневски кој се наоѓа на местото на трагедијата, вели дека се вложуваат огромни напори за да се локализира пожарот. На помош на пожарникарите од Струмица им пристигнала екипа од Радовиш, а на пат се и противпожарни тимови од Неготино, Валандово и Штип.
„Огромна е материјалната штета. Се прават огромни напори да се спречи ширењето во внатрешноста која е зафатена од пламените јазици. Пожарникарите прават се за да се спаси тоа што може да се спаси. Единствена среќа во оваа навистина голема несреќа е тоа што нема човечки жртви“,
вели градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски.
Битката со пожарот во „Глобал“ трае веќе два часа. Како што јавуваат локалните медиуми, изгорени се голем дел од дуќаните на приземјето, а преку дел од нив пожарникарите сега влегуваат во внатрешноста на објектот која е зафатена од пламените јазици, во обид да го локализираат пожарот.
