Затвореникот од истражниот затвор во Шутка што почина попладнево не покажувал симптоми на ковид-19, но засега брис за тестирање не е земен.
Директорот на Здравствениот дом во Скопје, Виктор Исјановски во вечерашното гостување на Телма, рече дека се работи за млад човек на кој му била воведена терапија поради нарко-зависност, а смртта била констатирана попладнево околу 14:30 часот.
„Во разговор со лекарот на затворот од Шутка ми беше предочено дека лицето не покажувало никакви знаци на ковид-19. Во текот на денешниот ден, при последната проверка во 14 часот не се пожалил, дури бил и весел. Потоа заминал на попладневен одмор и од затворските служби било констатирано дека починал. Повикана е Итната медицинска помош која исто така констатирала смрт, а телото на починатиот е однесено во Институтот за судска медицина. Од штурите податоци што ги имам, се работи за зависник, претежно од кокаин. Бил виден од психијатар на крајот од февруари и му е ординирана терапија. Тоа се сите информации што засега ги имаме. Јас сметам дека не се работи за ковид-19, туку за нешто друго“,
рече Исјановски.
Директорот на Центарот за јавно здравје, Арбен Зибери, пак рече дека засега брис од починатиот затвореник не е земен.
„Не е постапено од екипите на Центарот за јавно здравје, но сигурно ќе се земе брис при обдукција во Судска медицина, а ќе се однесе и на испитување во Институтот за јавно здравје“,
истакна Зибери.
Зибери напомена дека досега, од почетокот на пандемијата, скоро сите 3.000 брисеви во Скопје се земени од страна на Центарот за јавно здравје, вклучувајќи го и првиот случај на дијагностициран/починат во затворот Шутка.
Ова е втор смртен случај во затворот за една недела. На 8 април почина притвореник, кај кој посмртно беше утврден ковид-19.
Деновиве започна и тестирање на затвореници и вработени во истражниот затвор, а според последните информации од Министерството за здравство, до петокот биле земени брисеви од 30 притвореници.