Министерството за здравство информира дека по сознанието дека во истражниот затвор во Шутка почина еден притвореник кај кого посмртно е докажано присуство на коронавирус, во текот на вчерашниот ден во истражниот затвор се направени прегледи и земени брисеви од 30 притвореници.
Денеска во истражниот затвор во Шутка се испратени засилени медицински екипи на здравствениот дом кои ќе направат прегледи и ќе земат брисеви од сите што престојувале во истото одделение со починатиот, а прегледани и тестирани на ковид-19 ќе бидат и вработените во одделението.
За починатиот затвореник кој имал коронавирус вчера информираше министерот за здравство Венко Филипче, на редовна прес-конференција. Затвореникот во Шутка бил од 8 март, немал никакви симптоми, а почина како последица на срцев удар. По смртта му бил земен брис кој на тестирањето се покажал позитивен на ковид-19.