Министерството за здравство информира дека пациентот од Куманово, кој доцна синоќа почина на Клиниката за инфективни болести во Скопје, бил заболен од коронавирус.
За овој пациент, Министерството за здравство информираше денеска во редовното соопштение посочувајќи дека има двајца починати пациенти, но дека за кумановецот се очекуваат резултати дали бил заболен од коронавирусот. Станува збор за 70-годишен маж.
„Неговиот резултат позитивен на ковид-19 пристигна попладнево, а овој случај на позитивен и починат пациент, во статистиката на ИЈЗ ќе биде евидентиран во утрешниот извештај. Пациентот беше донесен на Клиниката за инфективни болести во Скопје со тешко дишење и ниска сатурација, а од коморбидитети имал хипертензија и срцева слабост“,
соопштија од Министерството.
Вториот починат пациент е на возраст од 68 години, од село во околината на Тетово, кој имал артериска хипертензија.
Со овие два случаи вкупниот број на починати од коронавирус во земјава изнесува 12.