Со цел да се обезбеди целосна, независна и објективна стручна процена, министерот за здравство побарал во комисијата за стручен надзор да биде вклучен и медицински експерт од соседна држава, соопшти ресорното министерство

Министерството за здравство формира комисија со задача да спроведе стручен надзор за случајот со 19-годишната родилка од Струмица која остана парализирана по породување со царски рез.
Имајќи ги предвид сериозните здравствени компликации на пациентката, од Здравство велат дека надзорот ќе го опфати целокупниот тек на нејзиното породување и натамошно лекување.
„Комисијата за стручен надзор е составена од лекари специјалисти по неврологија, анестезиологија, гинекологија, радиологија и неврохирургија. Со цел да се обезбеди целосна, независна и објективна стручна процена, министерот за здравство побара во комисијата за стручен надзор да биде вклучен и медицински експерт од соседна држава. Тој ќе учествува во разгледувањето на целокупната медицинска документација на пациентката и во изготвувањето на стручното мислење за преземените дијагностички и терапевтски постапки“,
соопштија оттаму.
Веќе се завршени вонредните инспекциски надзори во три клиники каде што се лекувала пациентката. Станува збор за Општата болница во Струмица, Клиничката болница во Штип и Универзитетската клиника за неврологија во Скопје, кои беа под лупа на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ).
Од Здравство информираа дека инспекторите извршиле увид во здравствената евиденција и медицинската документација, а се земени и изјави од здравствените работници вклучени во третманот.
Случајот ја потресе јавноста откако 19-годишна девојка од Струмица по породувањето со царски рез во струмичката болница и аплицирана спинална анестезија, наместо да закрепне, целосно ја изгубила подвижноста во нозете и развила параплегија.
Нејзиното семејство јавно обвини за лекарска грешка и несоодветен третман додека младата мајка итно била префрлана прво во Клиничката болница во Штип, а потоа на Клиниката за неврологија во Скопје на дополнителни истражувања, додека паралелно раководството на штипската болница веќе најави формирање сопствена стручна комисија за евалуација на случајот со тврдење дека при прегледите кај нив не биле воочени хируршки пропусти во нивниот домен на лекување.
