Средбата ќе биде на маргините на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, а Гаши на брифинг со новинарите ги сподели и темите на кои ќе разговараат со бугарската колешка, кои главно ќе бидат фокусирани на соработката меѓу двете земји парламентарно ниво бидејќи, како што кажа, досега немало некоја интензивна соработка
Во однос на уставните измени, тој рече дека ќе ги повтори веќе познатите ставови на актуелното државно раководство кои, како што кажа, се ставови на државата, но и негови лични
Претседателот на Собранието Африм Гаши утре ќе патува за Софија каде што ќе има билатерална средба со претседателката на бугарскиот парламент Михаела Милчева-Доцова. Средбата, како што соопшти Гаши на денешниот брифинг со новинарите, е планирана да се случи на маргините на конференцијата на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ЈИЕ), на која е предвидено спикерот на македонското Собрание да има свое обраќање, пренесе МИА.

Тој ги сподели и темите на кои ќе разговараат со бугарската колешка, а кои главно ќе бидат фокусирани на соработката меѓу двете земји парламентарно ниво бидејќи, како што кажа Гаши, досега немало некоја интензивна соработка.
Во однос на уставните измени, тој рече дека ќе ги повтори веќе познатите ставови на актуелното државно раководство кои, како што кажа, се ставови на државата, но и негови лични. Во таа смисла, собранискиот спикер рече дека двете земји треба да разговараат и да најдат начин како да бидат заедно во Европската Унија.
„Треба да разговараме, треба да одиме напред, да најдеме начин како да бидеме заедно во ЕУ. Мислам дека иднината треба да нè спојува, а не минатото, така што одам со позитивна мисла и сакам да учествувам во подобрување на односите помеѓу нашите две држави и два парламенти“,
рече Гаши.
Говорејќи за соработката меѓу парламентите на Македонија и на Бугарија, Гаши рече дека таа отсуствувала поради динамичната политичка ситуација, односно честите избори изминатите години кај нашиот источен сосед поради што кажа дека немало можност да се воспостави директна добра комуникација со Народното собрание на Бугарија.
„Сега се трудиме со новиот состав, после парламентарните избори таму да воспоставиме добра комуникација“,
рече Гаши.
На состанокот во Софија веќе присуствуваат двајца пратеници, на кои Гаши утре ќе им се придружи.

Минатата недела во Софија на состаноци во рамки на Самитот ПСЈИЕ со кој претседаваше Бугарија учествуваа претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски.
На маргините на Самитот, Сиљановска-Давкова имаше средба со својата бугарска колешка Илијана Јотова, по која изјави дека уставните измени не се единствен услов за тргање на ветото и почеток на преговорите на земјата со Европската Унија.
„Јас и мојот колега Муцунски сакавме да ги слушнеме нивните позиции. На обајцата ни стана јасно – не се во прашање само уставните измени, туку се во прашање и други барања поврзани со протоколите што произлегуваат од работата на историската комисија. Толку можам засега да кажам“,
рече Сиљановска-Давкова по средбата.
Нејзината бугарска колешка, Јотова, пак, како што беше соопштено од нејзиниот кабинет, повторила дека Бугарија очекува од Северна Македонија да го исполни францускиот предлог од 2022 година кој, како што кажала, е паневропски став за пристапувањето на земјава во ЕУ. Јотова нагласила дека ова се европски критериуми за членство, а не бугарски барања, повторувајќи дека за да започне преговори, Скопје мора да ги исполни обврските за вклучување на Бугарите во Уставот.
Премиерот Христијан Мицкоски на партиската прослава минатата недела по повод 36 години од основањето на ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш ги повтори, како што кажа, црвените линии во однос на спорот со Бугарија порачувајќи од Струмица дека Местото на Македонија е на масата во Брисел со нив, како полноправна членка на Европската Унија, но, нема да се прифатат отстапки поврзани со националниот идентитет.
Патот кон ЕУ, рече Мицкоски, ќе биде маратон, а не спринт или кратка трка и упати порака до европските институции дека очекува јасни гаранции дека нема да има нови билатерални условувања, дека македонскиот идентитет, јазик и култура се константа и факт и дека нема повеќе никој да ја отвора таа тема.
„Нема слава, нема моќ што може да ме убеди дека без овие работи, ќе прифатиме било што. Ова е нашата црвена линија. Сите треба да не слушнат гласно и јасно. Нема пазарење со идентитетот наш македонски. Доста беше“,
рече Мицкоски.
Истиот ден (17 јуни), Европскиот парламент ги усвои годишните извештаи за напредокот на пет земји од Западен Балкан – Северна Македонија, Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово. Извештајот за напредокот на Северна Македонија за 2025 година, подготвен од известувачот Томас Вајц, беше усвоен со 411 гласа „за“, 120 „против“ и 120 „воздржани“.
Во рамки на гласањето беше отфрлен и амандманот 3, предложен од Вајц, со кој се бараше бришење на ставот 73 од идната резолуција. Против бришењето на текстот гласаа 338 европратеници, додека 126 го поддржаа амандманот. Со тоа, во резолуцијата останува референцијата на Вториот протокол кон Договорот за добрососедство меѓу Северна Македонија и Бугарија, со која се повикува заедничкиот мултидисциплинарен експертски комитет за историски и образовни прашања да постигне јасни и опипливи резултати, врз основа на објективни, автентични и докажани историски извори и документи.
Во изјавата на прес-конференцијата по усвојувањето на извештајот, европратеникот и известувач за земјава во Европскиот парламент, Вајц, меѓу другото, рече дека како и минатата и оваа година подготовката на документот барала интензивна работа, но како што додаде, гледа напредок во тоа што бугарската и македонската страна почнале да разговараат и дека постои разбирање меѓу нив дека заедничката цел е многу поголема од некои билатерални недоразбирања кои сè уште постојат.
