Претходно овој месец САД наметнаа санкции за српскиот член на Претседателството на БиХ, Милорад Додик и неговиот правен советник Милан Тегелтија, означувајќи ги за одговорни за обид за уривање на уставниот поредок на БиХ, но и за вмешаност во корупција
Освен САД, и Велика Британија е загрижена за постојаното зголемување на напнатоста во Босна и Херцеговина и е подготвена да се приклучи кон политиката за санкционирање политичари кои се одговорни за тоа, изјави денеска британскиот амбасадор во БиХ, Метју Филд.
Филд соопшти оти владата во Лондон разгледува можности за преземање конкретни мерки во однос на БиХ, вклучувајќи наметнување санкции. Таквите мерки, како што појасни во интервјуто за сараевски „Дневни аваз“, треба да бидат резултат на усогласен пристап со другите партнери од меѓународната заедница.
„Санкциите не се магично стапче, не можат да ги решат сите предизвици со кои оваа земја се соочува, но можат да бидат корисен начин на спротивставување на оние што веруваат дека можат да дејствуваат неказнето“,
изјави Филд.
Тој додаде дека главна закана по стабилноста на БиХ, доаѓа од Република Српска, чија власт оди кон „водење опасен пат на поделба“. Таква политика, тврди британскиот амбасадор, може да доведе само до сè поголема изолација на РС, а последиците ќе ги почувствуваат граѓаните.
„Не можеме и нема да дозволиме злонамерните актери да ја поделат оваа земја, ниту да го уназадат напредокот постигнат во последните 26 години“,
соопшти Филд.
Претходно овој месец, САД наметнаа санкции за српскиот член на Претседателството БиХ, Милорад Додик и неговиот правен советник Милан Тегелтија, означувајќи ги за одговорни за обид за уривање на уставниот поредок на БиХ, но и за вмешаност во корупција.
Некои од највлијателните членки на Европската Унија, како Германија, се силни поборници за воведување санкции за политичарите од БиХ, кои го доведуваат во прашање опстанокот на таа држава. Сепак, сè уште нема одлука на ниво на Унијата дали ќе се воведат такви санкции.
Властите на Република Српска, предводени од Додик, нагласија дека и покрај санкциите, нема да се откажат од плановите за донесување закони, со кои би се префрлиле овластувањата од државата на ентитетот во областа на одбраната, правдата и наплатата на даноците и царините. Предлозите на такви закони може да бидат испратени на разгледување и усвојување во Парламентот на РС веќе во февруари.