На Зоран Милески-Кичеец му е укинат домашниот притвор во предметот „Рекет“, каде што тој беше третообвинет, а на првото рочиште призна вина.
Барањето за укинување на притворот било поднесено до кривичниот совет, а одлуката, според информациите од неговиот адвокат Александар Новаковски, е донесена пред околу две недели.
За да се укине мерката домашен притвор, била понудена гаранција од недвижен имот во висина од 230-240 000 евра.

Во случајот „Рекет“, обвинителството го обвини Кичеец за делото примање награда за противзаконито влијание, а на првото рочиште на 3 декември тој призна вина. Веќе наредниот ден судечкиот совет на чело со судијката Васка Николовска-Масевска ја изрече и пресудата со која му изрече три години затвор.
Кичеец и неговата одбрана поднесоа жалба до Апелацискиот суд во Скопје за висината на казната. Јавната седница била закажана за 1 април, но поради епидемијата со ковид-19, вели Новаковски, таа била откажана.

Откако Кичеец призна вина, судскиот процес продолжи само со обвинетите Бојан Јовановски-Боки 13 и Катица Јанева. И тие се товарат за делото примање награда за противзаконито влијание, додека Јовановски и за перење пари. Судењето е во завршна фаза, досега се изведоа материјалните докази и се сослушаа сведоците и на обвинителството и на обвинетите.
Следното рочиште е закажано за 24 април на кое се очекува да се изведат дополнителните докази – вештачењата.