Израел денеска почна постепено да излегува од третото затворање на земјата од почетокот на пандемијата на ковид-19. Од денеска повторно се отвораат фризерските салони, клиентите се враќаат во продавниците, а граѓаните ќе може да се движат повеќе од еден километар од своите домови.
Во петокот, израелската Влада објави олеснување на ограничувачките мерки што се применуваат од крајот на декември. Ваквата одлука следува по масовното вакцинирање што го спроведе земјата.
Утрово, повторно беа отворени продавниците во Ерусалим, кои се сметаат за несуштински.
Од средината на декември, благодарение на договорот со фармацевтскиот гигант „Фајзер“ за споделување на медицински податоци за резултатите од вакцинацијата, Израелците вакцинираа повеќе од 3,4 милиони жители, или скоро 40 проценти од населението. Меѓу нив има повеќе од два милиони Израелци кои примиле втора доза.
Но, и покрај ограничувачките мерки и кампањата за вакцинација, јануари беше најсмртоносниот месец во Израел од почетокот на пандемијата – пријавени се повеќе од 1 000 смртни случаи од ковид-19.
Според последниот извештај на Министерство за здравство на земјата, од почетокот на епидемијата официјално се регистрирани над 686 000 случаи на коронавирус и 5 074 смртни случаи.