За само неколку недели, случаите на ковид-19 и хоспитализациите значително опаднале кај луѓето што биле вакцинирани
Првичните податоци од Израел даваат силни докази дека вакцинацијата може да го скроти коронавирусот, пишува „Њујорк тајмс“.
Во досега најобемното истражување во пракса, Израел покажа дека силната, брза програма за вакцинација против коронавирусот може да има големо влијание, покажувајќи му на светот веродостоен излез од пандемијата.
За само неколку недели, случаите на ковид-19 и хоспитализациите значително опаднале кај луѓето што биле вакцинирани, покажуваат новите истражувања во Израел.
Првичните податоци сугерираат дека вакцините дејствуваат во пракса речиси исто како и во клиничките испитувања.
Борба со британската мутација
Но, додека светот се натпреварува да го заузди вирусот пред да се прошират поопасните мутации, огромниот недостиг на вакцини може да ги спречи другите земји да го имаат успехот на Израел или да спречат да се појават нови соеви на коронавирусот.
Па дури и Израел, кој ги надмина сите други нации во вакцинирање на своето население, е далеку од излез од кризата. Земјата во четвртокот по третпат го продолжи карантинот на целата територија.
Сепак, истражувачите имаат надеж дека вакцинацијата ќе успее брзо да ги намали случаите на коронавирус меѓу Израелците кои добија вакцина.
„Сметам дека ова се прилично убедливи докази кои ги потврдуваат ефектите од вакцинацијата на ниво на една држава“,
вели Вилијам Ханаџ, епидемиолог од Факултетот за јавно здравје Чан, при Универзитетот Харвард, кој не бил вклучен во израелската студија.
Новото израелско истражување ги анализира националните здравствени статистички податоци за луѓе над 60 години и постари, кои ја примиле вакцина „Фајзер/Биотек“.
Анализирајќи ги податоците од шестнеделната вакцинација, период во кој мнозинството од луѓето на таа возраст биле вакцинирани, истражувачите откриле дека бројот на нови случаи на ковид-19 опаднал за 41 процент во споредба со три недели претходно.
Во таа група, исто така, имало и пад на хоспитализациите од 31 отсто и пад од 24 отсто на оние со потешка клиничка слика.
Резултатите се уште повпечатливи, велат експертите, бидејќи Израел се бори со британскиот сој на коронавирусот. Сојот познат и како Б.1.1.7, првпат идентификуван во Велика Британија, сега е пронајден во 80 проценти од примероците тестирани во Израел.
И покрај овие резултати, Израел сепак останува ранлив. По намалувањето на бројот на нови случаи на крајот на јануари, просечната стапка на зараза повторно се крева. За тоа делумно може да биде виновна заразноста на варијантата Б.1.1.7, заедно со нешто полабавиот карантин во споредба со претходните.