Претседателката на ЕК не сака да ја споредува ЕУ со Велика Британија и со Израел, земји каде вакцинацијата се спроведува со најбрзо темпо, критикувајќи го нивниот пристап
Проблемот со бавната испорака на вакцините не е единствената препрека со која ќе се соочи Европската унија додека да се заокружи процесот на вакцинација, вели претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен, додавајќи дека следни можни нови „препреки“ се проблеми во производството, па дури и недостиг на некои состојки за вакцината.
„Во Европа имаме амбиција 70% од возрасната популација да се вакцинира пред крајот на летото. Тоа не е мала работа“,
вели таа во интервју за неколку медиуми, меѓу кои и францускиот весник „Кроа“.
Европската комисија, која преговараше за нарачки во име на членките на ЕУ, се соочи со критики поради одложувањето на испораката на нарачаните вакцини.
Фон дер Лајeн не сака споредби со Велика Британија и со Израел, земји каде вакцинацијата се спроведува со најбрзо темпо, критикувајќи го нивниот пристап.
„Велика Британија го избра патот за одобрување по итна постапка за пласирање на вакцината на пазарот. Ние избравме друг пат: да овозможиме темелна контрола на вакцината, па потоа да ја одобриме“,
рече таа.
За Израел рече дека им дозволува на компаниите пристап до лични здравствени податоци што ЕУ не би сакала да го прави.