Претседателот на СДСМ и доскорашен премиер Зоран Заев на социјалната мрежа „Фејсбук“ повика на марш, наречен „Чекориме за правда“. Објавата доаѓа откако попладнево Собранието го изгласа законот за јавно обвинителство со двотретинско мнозинство, кое Заев го оцени како чисто, осврнувајќи се на критиките за начинот на кој беа обезбедни гласовите на 80 пратеници.
“Ве повикувам сите правдољубиви луѓе, утре – понеделник, во 18 часот, пред Собранието на Република Северна Македонија, да чекориме во име на правдата. Ве повикувам да се приклучите кон Маршот „Чекориме за правда”. Заедно да чекориме од местото каде се изгласа Законот за јавно обвинителство – од Собранието, до местото каде треба да ги видиме конечните правни разрешници – судот! Се гледаме утре во 18 часот пред Собранието, чекориме за правда”,
напиша Зоран Заев на својот „Фејсбук“ профил.
СДСМ е на власт од 31 мај 2017 година, а Зоран Заев беше премиер од тој момент до 3 јануари 2020 година, или околу две и пол години. Правдата и правната држава беа едни од главните ветувања на партијата пред парламентарните избори во 2016 година, а и додека беше на власт СДСМ тврдеше дека правдата е вратена во Македонија.