Веста дека е прогласена тридневна жалост ја соопшти претседателот Лула да Силва на социјалната мрежа Икс
По вчерашната авионска несреќа на патнички авион во градот Винхедо во близина на Саун Пауло, во која загинаа 62 лица, бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва прогласи тридневна жалост.
„Од моментот на објавување на оваа уредба официјално прогласувам тридневна жалост низ целата земја за жртвите во авионската несреќа“,
се вели во соопштението на Лула да Силва.
Вчера токму претседателот информира дека сите патници и членови на екипажот загинале во несреќата.
„Прво, имам многу лоша вест и би сакал сите да станат со минута молк бидејќи авион штотуку падна во градот Винхедо, Саун Пауло, со 58 патници и 4 члена на екипажот и изгледа дека сите загинаа. Сакам да замолам за минута молчење за жртвите“,
рече вчера претседателот Луис Инасио Лула да Силва.
Во авионот имало 58 патници и четворица членови на екипажот, пишува Би-би-си. Локалните медиуми додаваат дека авиокомпанијата соопштила дека не може да го потврди статусот на патниците во авионот ниту, пак, како се случила несреќата.
Авиокомпанијата „Воипес“ (VoePass) во соопштение потврди дека авионот што се упатил кон меѓународниот аеродром „Гуаруљос“ во Саун Пауло се урнал со 58 патници и 4 члена на екипажот. Во соопштението не се наведува што ја предизвикало несреќата, пренесува АП.