Инаку, можноста за формирање центар за рехабилитација за ранетите украински војници и украинските деца со помош на балканските држави беше тема на разговор меѓу претседателот Стево Пендаровски и украинскиот претседател Володимир Зеленски на заедничката средба во Тирана кон крајот на минатиот месец во рамките на самитот Украина – Југоисточна Европа
До овој момент не е пристигнато конкретно барање за згрижување и лекување украински војници во земјава. Ќе внимаваме излегувањето во пресрет, одговарањето, поддршката и помошта што ќе ги понудиме да не влијаат на редовните процеси во јавното здравство. Ова денеска го рече Славјанка Петровска, министерката за одбрана, од Штип, по повод 75 години НАТО и четири години од нашето членство во Алијансата одговарајќи на новинарско прашање дали македонската армија е подготвена да го прифати лекувањето на украинските војници.
„Како Министерство за одбрана сме апсолутно подготвени да излеземе во пресрет за лекување на украинските војници, но треба да се има предвид дека лекувањето е во надлежност на Министерството за здравство, Имавме еден првичен разговор со министерот за здравство, а сега одиме понатаму на интензивирање на преговорите, да ги одредиме точните капацитети и се разбира точниот начин, ако евентуално се појави потреба за тоа“,
рече министерката Петровска.
Според неа, иако живееме во мирнодобски услови, Армијата има обврска постојано и во континуитет да ја одржува својата борбена готовност, дали во рамките на касарните или преку мисиите на Криволак.
Инаку, можноста за формирање центар за рехабилитација за ранетите украински војници и украинските деца со помош на балканските држави беше тема на разговор меѓу претседателот Стево Пендаровски и украинскиот претседател Володимир Зеленски на заедничката средба во Тирана кон крајот на минатиот месев во рамките на самитот Украина – Југоисточна Европа.
Зеленски објави видео на социјалната мрежа Икс од средбата со Пендаровски, во кое беа претставени кратки делови од нивниот разговор, а во кои се слуша дека двајцата претседатели разговараат за можноста за формирање центар за рехабилитација за ранетите украински војници и украинските деца со помош на балканските држави.
На почетокот на месецот од кабинетот на претседателот Пендаровски рекоа дека оваа идеја начелно е прифатлива за нас како држава, но, како што посочија оттаму, потребно е конкретна разработка на деталите што ќе биде во надлежност на владите од земјите кои ќе земат учество во програмата.
Од кабинетот на претседателот тогаш посочија и дека станува збор за првичен предлог од страна на премиерот на Хрватска и претседателот на Црна Гора, со оглед на тоа дека тие две држави веќе имаат искуство и капацитети за рехабилитација од воените дејствија во 1990-тите година.
Петровска и пред една недела изјави дека не ја исклучува можноста да се стават на располагање расположливите капацитети на државата за лекување ранети војници од Украина.