Од Обвинителството посочуваат дека и покрај сите преземени мерки, осомничената продолжила да го узурпира локалитетот, неосновано да им наплаќа влезници на посетителите, да се расправа со нив и да им се заканува
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Куманово побара, а Судот ѝ определи притвор на 41-годишната кратовка С. Д. што пред два дена беше приведена поради физички напад врз посетители на локалитетот „Камени кукли“. Станува збор за жената која извесен период нелегално наплаќа влез во локалитетот во Кратовско, кој е прогласен за споменик на природата.

Од Обвинителството посочуваат дека и покрај сите преземени мерки, осомничената продолжила да го узурпира локалитетот, неосновано да им наплаќа влезници на посетителите, да се расправа со нив и да им се заканува.
„При последниот инцидент, осомничената презела и дејствија на кривично дело – спречување службено лице во вршење службено дејствие од член 382 став 3 во врска став 2 и 1 од Кривичниот законик, односно физички ги нападнала и спречила полициските службеници кои се обиделе да ја легитимираат и приведат“,
велат од Обвинителството.
При одлуката да се предложи притвор за 41-годишната кратовка, Обвинителството го зело предвид и фактот што против неа веќе е во тек постапка за узурпација на локалитетот „Камени кукли“, во која ѝ се изречени мерки на претпазливост, вклучувајќи и забрана да ја посетува локацијата, што таа одбегнува да ја почитува. Дополнително, посочуваат од Обвинителството, С.Д. заедно со својот сопруг и претходно спречувала службени лица во вршење во вршење на службени дејствија.
„Од тие причини, кои укажуваат на опасност од бегство, но и на јасна тенденција осомничената да продолжи да врши кривични дела, јавнен обвинител до судија на претходна постапка достави предлог за определување притвор. Предлогот на јавниот обвинител е прифатен и Судот со решение ја определи притворската мерка“,
велат од ОЈО Куманово.
Од МВР вчера информираа дека 41-годишната С.Д. е приведена попладнето на 2 август откако било пријавено дека физички нападната повеќе посетители на локалитетот „Камени кукли“.
