Директорот на српската канцеларија за Косово и Метохија, Петар Петковиќ на прес-конференција кажа дека претседателот Вучиќ во Брисел ги бранел позициите на Србија и барал компромисни решенија со цел да се зачува мирот. Воедно тој кажа дека рано утринава продолжиле интензивните разговори за побрзо изнаоѓање на решенија за ситуацијата на Косово.
„Од денеска започнува нашата трка со времето, покрај сите проблеми и тешкотии, поготово покрај невозможните услови кои ги поставува Албин Курти, за да обезбедиме подобар живот и мир за Србите на Косово и Метохија, да избегнеме судир и да продолжиме со развојот и напредокот на целата наша држава“,
вели Петковиќ.
Тој вели дека ќе се разгледаат сите можни решенија кои ќе бидат во интерес на српскиот народ и порача дека при овој процес нема да бидат погазени интересите на Србија. Тој кажа и дека од српска страна се понудени два предлога за слободата на движењето и дека работат на изнаоѓање на прифатливо решение до 1 септември.
„На прашањето за личните карти, ние бевме спремни да сите граѓани на Србија кои се населени во централниот дел, кога би влегле на Косово да им се издаде документ за влез и излез. Во тој договор кој не е добар кон нас, не стои дека тоа прашање со однесува на Србите кои живеат на Косово, туку за оние кои живеат на северот на Косово“,
кажа Петковиќ.
Вториот предлог, според Петковиќ бил, возилата да се пререгистрираат со неутрални таблички по резолуцијата 1244, но Албин Курти категорично го одбил ваквиот предлог.