КФОР- мисијата на НАТО е подготвена да реагира брзо и пропорционално во случај на ескалација на состојбата во Косово, порача генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг по средбата со српскиот претседател Александар Вучиќ. Столтенберг истовремено ја поздрави иницијативата од двете страни за продолжување на дијалогот и ги повика Белград и Приштина да покажат поголема воздржаност за смирување и подобрување на ситуацијата.
„НАТО продолжува да ја следи ситуацијата во регионот, КФОР остануваат фокусирани на својот мандат во рамки на Обединетите Нации. Ако е загрозена стабилноста, подготвени се интервенираат“,
рече Столтенберг.
Вучиќ посочи дека за Србија се клучни мирот и стабилноста. Потенцира дека ја почитуваат улогата на НАТО, но и дека неговата држава останува воено неутрална. Бучиќ повтори дека Србија сака да избегне секаков вид на ескалација и конфликт.
„Утре ќе имаме тешки разговори, бидејќи не се согласуваме речиси за ништо, но Србија ќе се придржува до меѓународното јавно право, до Бриселскиот договор и се што е потпишано. Србија е воено неутрална земја и ќе остане таква. Нашата историја не е лесна, но сакаме да ја зајакнеме соработката со КФОР и НАТО и да избегнеме ескалација на конфликтот. Мислиме дека не сме предизвикале некаква провокација, но разбирам дека ние од Балканот ги изнервиравме сите во Брисел. Она што е важно за луѓето во Србија е што го објаснивме нашиот став“
рече Вучиќ.
Пред утрешната средба во Брисел меѓу Вучиќ и Курти, Столтенберг ги повика двете страни да покажат флекибилност и да бидат конструктивни. Тоа е единствениот начин како што рече, да се најде решение за разликите во регионот, а дијалогот под медијаторство на ЕУ, е во насока за изнаоѓање решение кое ќе ги почитува правата на сите заедници.