Огнената стихија се уште претставува опасност за жителите на селата Умлена и Робово, кои се најзагрозени од пожарот кој цела ноќ гореше во нивна близина
Три српски и еден македонски хеликоптер полетаа утрово од скопскиот аеродром кон пехчевскиот регион, соопшти директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов.
Тој на Фејсбук објави дека вкупно пет хеликоптери дејствуваат врз големиот пожар во овој регион, се додека, како што вели, тоа го дозволува температурата на воздухот.
Претходно, Ангелов објави дека се наоѓа во еден од хелихоптерите, а потоа извести дека нема да се вклучи во живо од самото место, поради, како што наведе, безбедносни причини и протоколи.
Огнената стихија се уште претставува опасност за жителите на селата Умлена и Робово, кои се најзагрозени од пожарот кој цела ноќ гореше во нивна близина.
Во гаснењето на пожарот од вчера се вклучи и тим од 25 пожарникари од Бугарија.
Како што пренесува МИА, комесарот на единицата од Благоевград, Георги Пармаков, информираше дека веднаш по пристигнувањето им биле доделени задачи и дејствувале на поголем простор во Пехчевско до доцна во ноќта, а продолжуваат да пружаат помош и од утрово.
Од полицијата информираа дека по стабилизирањето на ситуацијата е пуштен за сообраќај и патот Делчево – Пехчево – Берово, кој синоќа поради алармантната состојба беше пренасочуван преку алтернативни патни правци.
„Патот е пуштен за сообраќај и возилата кои се движат на овој патен правец не се задржувани. Од она што можеме да го кажеме засега, ситуацијата е помирна“,
велат од полицијата.
Последните информации за маалото Пасјак, во делчевското село Нов Истевник, говорат дека пожарот е под контрола. Во гаснењето на пожарот синоќа кај Пасјак беа ангажирани две возила и 40 луѓе кои дежураа во текот на ноќта.