Ангелов најави дека хеликоптерите ќе се упатат кон Пехчево по намалување на температурата на воздухот за неколку степени
Поради исклучително високите температури, веднаш по пристигнувањето на пет хеликоптери на местото на големиот шумски пожар во Пехчевско, командантот на ескадрилата донел одлука за нивно повлекување, информира директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов.
Тој на својот фејсбук-профил напиша дека хеликоптерите повторно ќе се упатат кон Пехчево по намалување на температурата на воздухот за неколку степени.
„Безбедноста на посадата на воздухопловите и безбедноста на луѓето се на прво место“,
наведува Ангелов.
Во меѓувреме, помошта која беше најавена од Бугарија од пет противпожарни возила пристигна на критичното подрачје зафатено со пожар кај маалото Пасјак во село Нов Истевник.
МИА објави и видео од колоната бугарски противпожарни возила, како и возила на македонската Дирекција за заштита и спасување, кои ја предводеа колоната на патот кон Пехчево.
Во разговорот со градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски и другите надлежни, одлучено е четири возила да одат кон Пехчево, бидејќи таму ситуацијата е поалармантна, додека едно противпожарно возило ќе се вклучи во гаснењето на пожарот кај Пасјак.
Во моментот најзагрозено е подрачјето пред влезот на Пехчево, каде што е забележлив густ чад.