Синоќа е извршена евакуација на немоќното население од селото Пасјак
Припадниците од Вториот баталјон од касарната „Јане Сандански“ од Штип од рано утрото активно се вклучени во гаснење на пожарот во близина на шумскиот појс помеѓу општините Делчево и Пехчево, кај селото Пасјак, јавува МИА.
Кире Цоневски, соработник за превенција заштита и спасување при општинa Делчево, информираше дека, покрај армијата и екипи на Територијалните противпожарни единици од регионот, во гаснењето се вклучени и делчевските просторни сили.
„Се одвиваат активности за локализирање на пожарот кај Пасјак. Зафатена е поголема површина, припадници на армијата се на терен заедно со противпожарната единица од Делчево и М.Каменица, Јавното комунално претпријатие и просторните сили во Делчево. Доколку има потреба од воздухоплови испратено е барање до Дирекцијата за заштита и спасување и армијата и тие ќе дејствуваат согласно законски пропишаните мерки“,
информриа Цоневски.
Тој ја потврди информацијата дека синоќа, во координација со делчевскиот градоначалник и Итната помош, е извршена евакуација на немоќното население од селото Пасјак.
„Со нив е се во ред. Тие, со возило на Брзата помош, се пренесени кај свои роднини и пријатели во Делчево“,
додаде Цоневски.