За ваквите политички изјави, истакна претседателот, никаде во светот не се презема мерката персона нон грата. Меѓутоа, додаде тој, „ако велите, јас ќе дојдам со организиран превоз, ги повикувам сите Бугари во Македонија и надвор од Македнија за да им покажеме кои сe на овие кои не знаат кои се, тоа е закана за јавниот поредок и закана за националната безбедност на Македонија“. Во таков случај, посочи Пендаровски, би реагирал и би препорачал таков сет мерки кон Владата
Јас не барам протерување и не барам забрана за доаѓање во Македонија на лица кои велат дека ние сме Бугари. Ние не одиме со санкции кон лица кои тврдат дека ние не сме Македонци, тука има многу за санкционирање. Значи, ваква мерка персона нон грата никаде во светот не се презема заради политичка изјава, барем не во демократски држави, а ние до крај претендираме да бидеме вистинска европска демократија.

Ова во вечерашното гостување во емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма го изјави претседателот на државата Стево Пендаровски појаснувајќи го излагањето по седницата на Советот на безбедност во понеделникот, во кое ѝ предложи на Владата да забрани влез во земјава на еден пратеник од Бугарија во Европскиот парламент и на неколку други лица – државјани на Бугарија поради дејствија што претходно ги преземале и сè уште ги преземаат против нашата држава.
Доколку, пак, потенцијално е загрозен јавниот поредок, националната безбедност на Македонија или меѓународната позиција, во тој случај, додаде претседателот, треба да се реагира по овие основи.
„Значи, повторувам, тој тип што го споменувате не ми пречи колку и во центарот на Скопје да вели дека јас не сум Македонец. Само се срамоти. Тоа се политички шарлатани, циркузанти кои кажуваат работи кои целокупната светска наука, но на прво место, чувствата на македонскиот народ ги демантираат“,
вели Пендаровски.
Меѓутоа, додава претседателот, „ако велите, јас ќе дојдам со организиран превоз, ги повикувам сите Бугари во Македонија и надвор од Македнија за да им покажеме кои сe на овие кои не знаат кои се, тоа е закана за јавниот поредок и закана за националната безбедност на Македонија“.
Во таков случај, посочи Пендаровски, би реагирал и би препорачал таков сет мерки кон Владата.

Говорејќи за претстојното одбележување на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, за кое во понеделникот предупреди дека би било од висок безбедносен ризик, претседателот изрази уверување дека надлежните органи ќе преземат се што е во нивна моќ за, како што рече, 4 февруари да се одбележи на начин на кој ќе бидеме претставени како држава која толерира различности, но не толерира навреди врз сопствениот народ.
„Мојата препорака до нашите партнери беше дека треба да сугерираат ни во Софија да не се помага, односно да не се поттикнуваат организирани транспорти до нашата граница за 4 февруари. Ве уверувам, постојат претходни сознанија за многу лица со лоши намери кон нас и ним нема да им биде дозволен влезот во државата“,
истакна Пендаровски и додаде оти би било добро Бугарија како наш сосед да не поттикнува организирање на вакви конвои.
Во интервјуто за ТВ Телма, претседателот се осврна и на индиректната закана која неодамна му ја упати бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски. Во таа насока, прашан дали се чувствува безбеден, тој рече дека не чувствува лична загрозеност, додавајќи дека не е подигнато нивото на неговото обезбедување.
Прашан зошто има отсуство на реакции за изјавите на Џамбаски, претседателот кажа оти за излагањето на европратеникот имало јасна осуда од страна на евроамбасадорот Дејвид Гир.
„Тој рече дека таква реторика не е прифатлива кон шеф на една суверена држава и сметам дека тоа е повеќе од доволно, бидејќи тоа е и европски став“,
дециден е Пендаровски.
Шефот на државата го прокоментира и инцидентот во Охрид во кој беше претепан секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“, а кој доведе до зголемени тензии меѓу Скопје и Софија оваа недела.
Пендаровски оцени дека одредени политички субјекти во Бугарија, локалниот инцидент во Охрид се обидуваат да го стават во политички контекст и да го политизираат за да добијат политички поени на краток рок.
„Ова им е единствена храна со која се хранат и само со таква радикална агенда можат да добијат едно или две места во бугарскиот парламент. Со злоупотреба и политизација на овој случај можеби ќе успеат“,
додава Пендаровски.