Во новогодишната честитка до граѓаните претседателот Стево Пендаровски вели, изминатата година немавме многу причини за радост и славење, бидејќи повеќе се справувавме со амортизација на светските и домашните кризи, што пак резултираше со помалку развој
Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски по повод новогодишните празници, упати честитка до граѓаните.
Во неа вели, изминатата година немавме многу причини за радост и славење, бидејќи повеќе се справувавме со амортизација на светските и домашните кризи, што пак резултираше со помалку развој.
„Зад нас е уште една тешка година во која немавме многу причини за радост и славење. Глобалните кризи, заедно со нашите хронично присутни домашни проблеми, придонесоа повеќе да размислуваме за ублажување на последиците, отколку за развој. Ефектите ги гледаме околу нас: апатија, недоверба и разочараност кај граѓаните. Меѓутоа, низ историјата сме поминале и низ многу потешки времиња и не сме ги загубиле вербата и надежта“,
вели Пендаровски во честитката до граѓаните.
Тој повикува на индивидуална и колективна солидарност и толеранција.
„Потребно е да се вратиме на вредностите кои му даваат смисла на животот. Во новата година да бидеме подобри, посолидарни, потолерантни и како поединци и како заедница. Да ги надминеме недоразбирањата кои со години нè држат во место. Наместо на трката по материјални добра, да ѝ дадеме приоритет на добрината, да си помагаме едни на други, да градиме хумано и благородно општество. Најискрено, посакувам во 2024-та да нè служи, пред сè, здравјето. Без разлика на етничката, политичката, религиозната, родовата или каква било друга припадност, сите живееме под едно исто небо, го дишеме истиот воздух, заедно делиме и добро и лошо. И со заеднички напори можеме да ѝ донесеме просперитет на нашата мала, но преубава татковина“,
порача претседателот Пендаровски.