Претседателот на државата Стево Пендаровски денеска оствари телефонски разговор со Мирослав Лајчак, специјален претставник на Европската Унија за дијалогот Белград-Приштина и други прашања за Западен Балкан.
Во разговорот двајцата соговорници разменија мислења и информации поврзани со актуелните политички состојби во регионот, значењето на регионалната соработка, процесот на проширување на Европската Унија, како и за помошта што Унијата и земјите членки им ја укажуваат на земјите во регионот во борбата со пандемијата на ковид-19.
„Претседателот Пендаровски констатираше дека со назначувањето на специјалниот претставник, Европската Унија, по одлуката за отворање на преговорите за членство со Северна Македонија и Албанија, испраќа дополнителен позитивен сигнал дека регионот е меѓу приоритетите на Унијата“,
информираат од кабинетот на претседателот.
Претседателот Пендаровски изрази поддршка за мисијата на специјалниот претставник Лајчак и истакна дека придонесот на Европската Унија е повеќе од потребен со цел изнаоѓање прифатливо решение во рамки на дијалогот Белград-Приштина.