Пендаровски и Радев вчера на скопскиот аеродром имаа куса неформална средба, по што двете делегации, заедно со медиумските екипи со бугарскиот државен авион полетаа за Рим
Со посетата на базиликата „Санта Марија Маџоре“, претседателите на С Македонија и Бугарија, Стево Пендаровски и Румен Радев, денеска заеднички ќе им оддадат почит на светите браќа Кирил и Методиј. Двајцата претседатели ќе положат цвеќе пред пред спомен-плочата во чест на сесловенските просветители. Тие ги предводат делегациите на двете земји во посета на Рим и Ватикан во нивна чест.
Положувањето цвеќе во спомен на сесловенските просветители на плочите на македонски и бугарски јазик и воопшто заедничката посета и заедничкото патување со бугарски државен авион на двете делегации се оценува како чекор кон затоплување на климата меѓу двете земји и тоа во момент кога на маса е ставен португалскиот предлог за решавање на спорот меѓу Скопје и Софија и за одблокирање на процесот на евроинтеграција на Северна Македонија.
Тоа ќе биде единствената заедничката активност на двајцата претседатели во чест на свети Кирил и Методиј, а Пендаровски и Радев денеска по оддавањето почит на сесловенските просветители ќе имаат изјава за медиумите.
Пендаровски и Радев вчера на скопскиот аеродром имаа куса неформална средба , по што двете делегации, заедно со медиумските екипи со бугарскиот државен авион полетаа за Рим.
Заедничкото патување за Рим и Ватикан и заедничкото чествување на светите браќа Кирил и Методиј, Пендаровски и Радев го оценија како можност за обновување на дијалогот и довербата и за зајакнување на односите меѓу Северна Македонија и Бугарија во духот на Договорот за соработка, пријателство и добрососедство.
„Така ќе биде и понатаму, а ние сме тука за да ја релаксираме атмосферата, да говориме со еден поинаков јазик и да ја обновиме довербата“,
рече вчера Пендаровски.
„Сакам да споделам дека заедничкото патување и оддавање почит на светите браќа Кирил и Методиј е прекрасен повод да го обновиме дијалогот на нашите две земји на највисоко ниво и да ја изразиме нашата заедничка волја за развој на нашите односи во духот на соработката, пријателството и добрососедството“,
истакна бугарскиот претседател.
Заедничкото патување и чествување многумина и во земјава и во ЕУ ги оценија како добра можност за затоплување на односите меѓу двете земји.
„Гледаме позитивен пат напред и задоволни сме од тековните разговори меѓу Северна Македонија и Бугарија за унапредување на членството на Северна Македонија во ЕУ“,
напиша на Твитер американската амбасадорка во земјава Кејт Брнз.
Пендаровски, пак, вчера по средбата со италијанскиот претседател Серџо Матарела изјави дека тој во овој момент е реалист и умерен оптимист. Одговарајќи на новинарски прашања во врска со обидите за пронаоѓање решение со Бугарија и одблокирање на почетокот на преговори на земјава со ЕУ, информира дека сигурно наредните денови ќе достават предлози, кои ќе се базираат на акциските планови, секторската соработка, кои, како што рече, ги правевме и во ноември и во декември, ги доставуваме и до Брисел и до Софија.
„Многу ми е битно дали при тоа ќе бидат сочувани виталните македонски национални и државни интереси“,
изјави Пендаровски.
Тој рече дека на средбата со неговиот италијански колега добиле целосна поддршка за нашите ЕУ-интеграции и дека Италија ќе се заложи не само за С Македонија, туку и за целиот регион на Западен Балкан, кој предолго чека во чекалницата на европските интеграции.