Шефот на државата го потпишал Указот, откако Милошоски, во најмалку два наврати, не закажал седница на Комисијата за надворешни работи за Фрчкоски да може да ги одбрани тезите
Универзитетскиот професор и некогашен министер за надворешни и за внатрешни работи, Љубомир Фрчкоски, дефинитивно, заминува како амбасадор на земјава во седиштето на Обединетите нации во Њујорк.
По повеќе од половина година откако предлогот за Фрчкоски стигна во Собранието, претседателот Стево Пендаровски денеска го потпишал Указот за негово заминување во мисијата, и покрај тоа што тој во овој период не успеа да ја презентира својата платформа пред собраниската Комисија за надворешни работи, каде што во изминативе години во континуитет се одолговлекува финалната фаза пред заминувањето на новите македонски амбасадори.
За испраќањето на Фрчкоски претседателот на Комисијата за надворешни работи, Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, уште пред неколку месеци најави дека „ќе вложи максимални напори“ за тој да не ја преземе амбасадорската позиција.
Фрчкоски, претходно, беше кандидат за амбасадор во Вашинктон.
Од кабинетот на Педаровски потврдија за „360 степени“ дека шефот на државата го потпишал Указот за Фрчкоски. Оттаму велат дека претседателот го сторил тоа, откако Милошоски, во најмалку два наврати, не закажал седница на Комисијата за надворешни работи, за Фрчкоски да може да ги одбрани тезите.
„Потврдуваме дека претседателот Стево Пендаровски со Указ го назначи професорот Љубомир Фрчкоски за ополномоштен амбасадор на Република Северна Македонија при Организацијата на обединетите нации во Њујорк. Притоа, информираме дека уште во јуни минатата година Министерството за надворешни работи побара од надлежната комисија во Собранието да закаже седница за презентација на тезите на кандидатот, согласно воспоставената пракса. Пред еден месец Министерството за надворешни работи упати втора замолница до истата комисија, но претседателот на Комисијата повторно одби да закаже седница, по што претседателот Пендаровски го потпиша Указот, затоа што сите законски услови беа исполнети“,
велат од претседателскиот кабинет.
Од кабинетот објаснуваат дека постапката за именување амбасадор завршува со одбраната на тезите на кандидатот пред колегиумот на Министерството за надворешни работи, а тоа Фрчкоски го има направено уште минатата година.
„Индикативно е што во изминативе десетина месеци, на осум кандидати за амбасадори им беше овозможено да ги презентираат своите тези пред собраниската комисија, само за кандидатот за амбасадор при нашата мисија во Обединетите нации таква седница воопшто не беше закажана“,
велат од кабинетот на Пендаровски.
Познатиот професор по прво, Љубомир Фрчкоски, беше министер за внтрешни, па за надворешни работи во првите влади на СДСМ по независноста – до 1998 година. На претседателските избори во 2009 година, тој беше претсдателски кандидат на тогаш опозициските социјалдемократи.
Шефот на дипломатијата, Бујар Османи, неодамна најави дека очекува во скоро време да биде пополнето и амбасадорското место во Вашингтон, САД, како и во Софија, Бугарија, но и преостанатите седум испразнети места во македонските дипломатско-конзуларни претставништва.