Антонио Милошоски утрово на својот фејсбук-профил објави дека како претседател на собраниската Комисија за надворешна политика ќе се обиде да спречи Фрчкоски да стане амбасадор во ОН
Ова што го прави Милошоски е обид за некаков пазар и притисок кон власта, вели Љубомир Фрчковски за „Утрински брифинг“, откако Антонијо Милошоски утрово на својот фејсбук-профил објави дека како претседател на собраниската Комисија за надворешна политика ќе се обиде да спречи тој да стане амбасадор во ОН.
„Не знам дали јас да го коментирам ова оти процедурата сѐ уште не е завршена. Впрочем, именувањето на амбасадорите е поврзано со надлежностите на претседателот, а не е поврзано со Собранието“,
вели Фрчкоски и појаснува дека улогата на Собранието преку Комисијата за надворешни работи е факултативна, а не суштинска преку сослушувањето на идните амбасадори што го прави оваа комисија.
„Мислам дека претседателот треба да си ги преземе уставните и законските надлежности поврзани со неговата улога во надворешната политика на земјата, а со тоа и околу амбасадорите“,
вели Фрчковски во реакцијата за „Утрински брифинг“.
Вчера претседателот на Собранието Талат Џафери соопшти дека во парламентот стигнало известување од Министерството за надворешни работи (МНР) дека Фрчкоски ќе биде амбасадор на Северна Македонија во седиштето на ООН во Њујорк.
„360 степени“ во март годинава објави дека Фрчкоски ќе замине на амбасадорска позиција во Њујорк откако претходно информациите беа дека тој ќе се пресели во Вашингтон како амбасадор на земјава во Соединетите Американски Држави. Меѓутоа, тогаш надлежните институции ја прекинаа постапката за негово назначување за амбасадор во САД по кампањата што против него ја поведе Обединета македонска дијаспора (ОМД).
За разлика од процедурата за именување амбасадор во одредена држава, која подразбира добивање агреман (одобрение, согласност од една држава за прифаќање дипломатски претставник од друга држава), за назначување шеф на мисија во мултилатерална меѓународна организација, каква што се Обединетите нации, не е потребна претходна согласност од организацијата домаќин.