Во куса објава на Фејсбук, Пендаровски го осуди нападот на секретарот на клубот и порача дека треба да се утврдат сторителите и да понесат соодветна одговорност
Претседателот Стево Пендаровски денеска упати повик до надлежните институции да спроведат истрага за инцидентот во Охрид во кој синоќа беше претепан секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“.
Во куса објава на Фејсбук, Пендаровски го осуди нападот на секретарот на клубот и порача дека треба да се утврдат сторителите и да понесат соодветна одговорност.
„Го осудувам нападот врз секретарот на клубот на бугарската заедница во Охрид, Христијан Пендиков. Ги повикувам надлежните институции да спроведат брза и темелна истрага, со соодветна одговорност и санкции за сторителите“,
пишува Пендаровски на Фејсбук.
Претходно денеска, осуда за инцидентот во Охрид упати и претседателот на Бугарија, Румен Радев, кој во контекст на нападот на секретарот на бугарскиот клуб најави дека на шефовите на држави и влади во Европската Унија, европските институции и Советот на Европа уште еднаш ќе им го предочи прашањето за почитување на правата на Бугарите во Северна Македонија.
Радев во фејсбук-објавата вели дека нападот на секретарот на бугарскиот клуб е пример за систематско кршење на правата на Бугарите во земјава, што категорично го осуди.
Информацијата за нападот на секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, Христијан Пендиков, кој се случил синоќа во угостителски објект, првично ја објави бугарскиот европратеник Андреј Ковачев за „Бугарија он ер“, наведувајќи дека за ова веќе контактирал и со министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Поради инцидентот, бугарското Министерството за надворешни работи ѝ врачи протестна нота на амбасадорката на Северна Македонија во Бугарија, Агнеса Руси Поповска.
Осуда за нападот упати и делегацијата на Европската Унија (ЕУ) во земјава која порача оти чекува властите да го истражат случајот.
Во меѓувреме, Министерството за надворешни работи (МНР) на Бугарија најави дека нападнатиот секретар на бугарското здружение „Цар Борис Трети“ со владин авион ќе го транспортира од Охрид и ќе го лекува во болница во Бугарија.