Директорката на прилепската болница, Кети Смилеска, посочи оти во болницата доаѓаат и други пациенти со мали повреди и поради следење на нивната состојба се примаат на преглед, а и од нив, како што додаде, нема некои со потешки повреди. Таа истакна дека сите пациенти што се обратиле во болницата се надвор од животна опасност
Патниците од автобуската несреќа во Прилеп се со лесни повреди и нивното здравје не е загрозено, велат од болницата во Прилеп каде што од изутринава се згрижуваат патниците од автобусот кој при судир со друг автобус удри во столб во прилепската населба Точила.
Според Кети Смилеска, директор на Општа болница со проширена надлежност – Прилеп, од сообраќајната незгода во болницата прво биле донесени 20 пациенти, а потоа доаѓале и други кои имале лесни повреди.
„Во утринските часови, со екипите на Итната помош во прилепската болница се донесени 20 пациенти од сообраќајната несреќа што се случила денес при судир на два автобуси. Од овие 20 пациенти, 8 се на максилофацијална хирургија каде што се извршени одредени мали интервенции, неколку пациенти се на ортопедија и на хируршкото одделение. Дел од пациентите, поточно седум, сѐ уште чекаат резултати од рендген-снимките, една пациентка има повреди на черепот и е задржана поради опсервација и следење на нејзината состојба. Другите пациенти се пуштени на домашно лекување“,
изјави Смилеска.
Директорката на прилепската болница посочи оти во болницата доаѓаат и други пациенти со мали повреди и поради следење на нивната состојба се примаат на преглед, а и од нив, како што додаде, нема некои со потешки повреди. Смилеска истакна дека сите пациенти кои се обратиле во болницата се надвор од животна опасност.
„Во болницата се оние кои ги чекаат рендген-снимките, другите се пуштени на домашно лекување“,
додаде Смилеска.
Според првичните информации од прилепското јавно обвинителство, несреќата се случила изутрината околу шест часот кога дошло до судир на два автобуси. Едниот автобус бил без патници, а другиот кој удрил во бандера бил полн со работнички кои требало да ја започнат првата смена во текстилна фабрика во Прилеп.