Вчера, лидерот на ДУИ Али Ахмети имал средби и со претседателот на СДСМ, Зоран Заев, и со првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски. Финален договор за коалиција нема.
Рокот за доделување на мандатот за состав на новата влада истекува за седум дена. Политичките партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во изминатите денови потврдија дека работат на создавање мнозинство од 61 пратеник, но конкретна вест кога ќе ја создадат идната влада уште нема.
Министерката за правда во заминување Рената Дескоска, вчера на својот фејсбук профил, истакна дека Собранието е веќе конституирано и оти тече рокот од 10 дена за доделување на мандатот за состав на влада. Меѓутоа таа не даде информации во однос на преговорите за формирање на владата. Во статусот на фејсбук, Дескоска се осврна и на дебатата отворена во јавноста во однос на тоа дали Собранието е конститутивно во услови кога не е избран претседателот на законодавниот дом.
Од друга страна портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, на прес конференција вчера изјави дека неговата партија работи на формирање на парламентарно мнозинство, додавајќи дека „ниту ги потврдува, ниту ги демантира информациите од непотврдени и неидентификувани извори“ за тоа дека партијата ги приближила ставовите со ДУИ за формирање влада.
Порталот „Лајм“, повикувајќи се на партиски извори, завчера објави дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се пред договор за формирање влада со премиер Албанец. Според истиот извор, лидерите на ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ, Али Ахмети и Христијан Мицкоски се согласиле дека прв премиер ќе биде Лазар Еленовски, кој ќе се декларира и за Албанец и за Македонец. На овој начин ДУИ ќе има образложение дека го реализирала барањето за премиер Албанец, а и во членството на ВМРО-ДПМНЕ нема да има револт, затоа што за Еленовски ќе биде јасно дека „изјавата дека е Албанец е само за потребите на дневната политика“, наведува „Лајм“.
Во врска со ваквите информации, Арсовски посочи дека и СДСМ вика оти има мнозинство, што, според него, не го потврдуваат другите политички партии.
„Би упатил јавно да ги прашате СДСМ да објават со кои партии имаат формирано парламентарно мнозинство, кои се коалиционите партнери на СДСМ, да изнесат детали, бидејќи зборовите кои што можевме вчера да ги видиме од нивна страна во медиумите, односно од нивни извори ‘СДСМ има мнозинство’ не се доволни за формирање на влада, туку треба 61 пратеник да се согласат на тоа“,
нагласи Арсовски.
Вчера, лидерот на ДУИ Али Ахмети имал средби и со претседателот на СДСМ, Зоран Заев, и со првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски. Финален договор за коалиција нема.