Нема официјална потврда од Владата дека ќе му помогне на јавното претпријатие Национални шуми, да ја исплати февруарската плата и со тоа да им го врати здравственото осигурување на околу 2 500 вработени.
Јавното претпријатие Службен весник на Република Северна Македонија, одлучи во државниот буџет да уплати 100.000.000 денари или 1,6 милиони евра, како поддршка на државата, при справувањето со кризата предизвикана од вирусот ковид-19.
„Во услови на вонредна состојба, ЈП Службен весник на Република Северна Македонија, како општествено одговорна институција одлучи овие средства да ги уплати во Буџетот на Република Северна Македонија и во рамките на антикризните мерки, да ги стави на располагање на Владата на Република Северна Македонија“,
се наведува во соопштението од ЈП Службен весник на РСМ.
Како што дознава „360 степени“, парите ќе се наменат за исплата на плати во јавното претпријатие „Национални шуми“. Вчера објавивме дека 2 500 вработени во Национални шуми, останаа без февруарската плата и здравствено осигурување, иако непрекинато ги извршуваат работните задачи. Од претпријатието се пожалија дека намалена е побарувачката на техничко дрво, а нема прилив на пари ниту преку барањата за дрвосеча поради вонредната состојба со коронавирусот.
*поврзана вест: 2 500 вработени од „Национални шуми“ останаа без февруарска плата