Од јавното претпријатие тврдат дека е најдено решение и дека во најскоро време ќе биде исплатена плата и вработените повторно ќе може да користат здравствено осигурување, кое во меѓувреме е прекинато
Тројца вработени во дирекцијата се позитивни на ковид-19, а 59 се во самоизолација
2 500 вработени во јавното претпријатие „Национални шуми“ сè уште ја немаат земено февруарската плата, поради што останаа и без здравствено осигурување. Вработени од претпријатието кои се обратија до редакцијата на „360 степени“ реагираат дека се на работ на егзистенција, иако во екот на пандемијата со коронавирусот непрекинато ги извршуваат работните задачи.
Од ЈП „Национални шуми“ го потврдуваат застојот во исплатата на платите и велат дека причината е вонредната состојба поради коронавирусот.
„Претпријатието функционира со самофинансирање, но поради актуелната ситуација, голем дел од дрвопреработувачките комбинати и пилани, кои со годишни рамковни договори купуваат техничко дрво од нас, во моментов се затворени и има застој во исплатата од нивна страна. Намалени се поединечните побарувања за огревно дрво, а нема ниту барања за сеча во приватните шуми. Со оглед на тоа што се работи за јавно претпријатие со голем број вработени, поради доцнењето на платата од вчера сите се останати без здравствено осигурување, но најдено е решение и во најбрз можен рок ќе се исплати платата, а со тоа ќе се врати осигурувањето на вработените“
велат од „Национални шуми“ за „360 степени“.
Од претпријатието не сакаа да споделат детали за решението што го споменуваат, како ќе се обезбедат пари и дали е побарана помош од централната власт. Потврдуваат дека сите 30 подружници работат согласно утврдената динамика, што значи сеча има, но плата за работниците нема.
Дирекцијата во самоизолација, тројца позитивни на коронавирусот
Освен што коронавирусот го намали прометот на „Национални шуми“, дел од вработените се и директно засегнати од заразата. Во моментов, 59 вработени од дирекцијата се во самоизолација откако тројца вработени биле позитивни на тестовите за ковид-19. Административците од дома ги извршуваат работните задачи, додека, како што велат од претпријатието, за работниците на терен обезбедена е соодветна заштита.
„Подружниците работат, меѓутоа поради сезонскиот карактер на производството, работата тече во зависност од временските услови. Обезбедивме заштитни маски и ракавици и сите кои се на терен се задолжени да ги почитуваат мерките и препораките за справување со вирусот“,
ни одговорија од претпријатието.