Министерот за правда Кренар Лога минатата недела рече дека очекува за „релативно кратко време“ да добиеме позитивен одговор за екстрадиција на Палевски
Екстрадициски притвор од 40 дена е определен за Љупчо Палевски-Палчо, првоосомничен за двојното убиство на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски, кои на 3 декември беа пронајдени мртви во околината на Скопје и на Велес.
Ова попладнево го соопштија од Министерството за правда откако пред неколку дена испратија барање за екстрадиција на Љупчо Палевски, кое преку Министерството за надворешни работи по дипломатски пат е доставено и до турските власти.
„Амбасадата на Република Северна Македонија во Анкара испрати допис до Министерството за правда во кој информира дека ни доставува добиена Нота од МНР на Република Турција, како одговор на Нотата доставена од Амбасадата на РСМ во Анкара од 06.12.2023 година, со која информираат дека врз основа на дописот добиен од канцеларијата на главниот јавен обвинител Баликесир, определен е екстрадициски притвор за Љупчо Палевски, во траење од 40 дена“,
пишува во соопштението од Министерството за правда.
Министерот за правда Кренар Лога минатата недела рече дека очекува за „релативно кратко време“ да добиеме позитивен одговор за екстрадиција на Палевски.
„Турција е стратешки партнер на Македонија за многу други побитни прашања од ова. Јас верувам дека за релативно кратко време ќе добиеме позитивен одговор и осомничениот ќе биде во државата“,
рече министерот за правда.
Според министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, истрагата за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски не може да се води во медиумите, туку таа мора да се води во Јавното обвинителство.
Вчера Јавното обвинителство апелираше во текот на истрагата да не се шират непроверени информации кои можат да ѝ наштетат на постапката, но и дополнително да ја вознемират јавноста. Повикот од Обвинителството доаѓа откако викендов од медиуми во соседството беа пласирани наводно нови сознанија за случајот, кои беа пренесени во земјава.
Малолетната Вања и велешанецот Панче беа пријавени за исчезнати на 27 (Вања) и 24 ноември (Панче), а потоа беа пронајдени мртви во близина на Велес и на Скопје на 3 декември.
За нивното убиство засега се осомничени шест лица, од кои пет се во притвор, а првоосомничениот Љупчо Палевски-Палчо чека да биде екстрадиран од Турција.
Палевски на 5 декември е уапсен во градот Баликесир во Турција.