Најавата за средбата меѓу премиерот и опозицискиот лидер доаѓа по неколкудневни несогласувања и препирања за локацијата на евентуалната средба на која треба да се разговара за ублажување на економската криза. Ковачевски одби да се состане со Мицкоски во партискиот штаб на ВМРО-ДПМНЕ. Мицкоски, пак, денеска кажа дека нема потреба да се состанува со Економскиот совет на Владата
По неколкудневни препирања и меѓусебни одбивања на понудените средби за ублажување на енергетската криза, премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски утре попладне ќе одржат средба во Владата.
Информацијата за МИА ја потврдиле од Владата, посочувајќи оти средбата ќе се одржи во 16 часот.
Претходно вечерва, во емисијата „24 анализа“ на ТВ 24 Маја Кадиевска, член на Извршниот комитет (ИК) на ВМРО-ДПМНЕ информира дека е прифатена поканата за средба од премиерот Ковачевски. На средбата, како што посочи таа, ќе присуствува економскиот тим на партијата предводен од лидерот Христијан Мицкоски.
„Прифатен е повикот од премиерот Ковачевски за утрешна средба каде ќе присуствува економскиот тим на ВМРО-ДПМНЕ предводен од Христијан Мицкоски. Ги нудиме нашите ресурси и концептот. Утре ќе биде запознаен и премиерот. Би требало да се разговара во вакви тешки времиња и треба да седнеме заедно најголемата опозициска партија со Владата“,
изјави вечерва Кадиевска.
Најавата за средбата меѓу премиерот и опозицискиот лидер доаѓа по неколкудневни несогласувања и препирања за локацијата на евентуалната средба. Ковачевски одби да се состане со Мицкоски во партискиот штаб на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски, пак, денеска кажа дека нема потреба да се состанува со Економскиот совет на Владата, откако викендов и премиерот Димитар Ковачевски и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи го повикаа да дојде на седницата на советот закажана за в среда наместо да одат на телевизиски дуел или во седиштето на партијата, како што бараше тој.
Мицкоски на Владата ѝ нуди концепт со кој државата ќе заштеди 300 милиони евра. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека имале контакти со компании од Германија , Швајцарија и Чешка, а кои можат од „Газпром“ да донесат количина на гас која што ќе биде доволна за земјава.