Триесетина интелектуалци од повеќе сфери на општеството ја поздравуваат одлуката за прифаќањето на канонското единство на Охриската Архиепископија која беше донесена на 9 мај 2022 година. Преку писмо како знак на благодарност му се заблагодарија на Вселенскиот патријарх г.г. Вартоломеј.
„Со Вашата одлука се поплочува патот до зацврстување на добрите односи и знаците на заемно братољубие меѓу црковните достоинственици, свештенството и верниците од сите помесни цркви, како резултат на отстранувањето на расколот. Ви благодариме особено и заради тоа што на нашата Црква ѝ го признавате легитимитетот како на духовна и преемствена наследница на древната и историска Охридска Архиепископија. За неа слободно може да се каже дека е срцето со кое пулсира духот на нашиот православен македонски народ и сите други граѓани кои се црквуваат во неа. За нејзиното возобновување се бореле поколенија и поколенија наши духовни и општествени дејци. Патем, како што некогаш древната Охридска Архиепископија била во силна духовна врска со Константинопол, така денес, со Вашето признавање, воскреснува и таа заемна врска со сечесниот Центар на Православието“,
се вели во писмото.
Дополнително, во писмото се наведува дека со примањето на Охридската Архиепископија во канонско единство е чин со кој се гради одбранбен ѕид против агресивната политика за духовна колонизација на Балканот, спротивна на црковните канони и традициите на Православието.
„Ние веруваме во Вашата мудрост и просветление, како и во мудроста и просветлението на нашиот почитуван и свет Архиепископ г. г. Стефан и на нашите свети архиереи и се надеваме дека наскоро ќе дојде до историското сослужение на Вселенскиот Патријарх со Охридскиот Архиепископ г. г. Стефан. Потем, со Господ напред, го очекуваме и конечното решавање на административниот статус на нашата Црква, а тоа е доделување на Томос за автокефалност од Ваша страна, бидејќи единствено Вселенскиот Патријарх има историско и канонско право да доделува автокефалност. Со тоа практично ќе се потврди црковниот суверенитет, како државотворност на нашата татковина и на верниот македонски народ и на сите граѓани во неа“,
пишува во писмото.