Едно од главните предизборни ветувања на Арсовска, чија кандидатура беше поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, беше дека проектот брз автобуски транспорт (БРТ) нема да биде реализиран. Таа откако ја презеде функцијата на градоначалничка рече дека граѓаните со нејзиниот избор, гласале за проектот за набавка на 250 нови еколошки автобуси и бесплатен јавен превоз
Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски денеска го потпиша договорот за имплементација на Системот за брз автобуски превоз (БРТ) во Скопје, во соработка помеѓу Министерството за транспорт и врски, Министерството за финансии и Градот Скопје.

Од Министерството за транспорт соопштуваат дека имплементатор на проектот е Градот Скопје, а средствата во висина од 70 милиони евра за реализација на овој проект се обезбедни преку Владата на Република Северна Македонија.
„Проектот подразбира изградба на два нови терминали, на транспортни центри, обезбедување на непречено сообраќање на автобусите, како и набавка на нови еколошки автобуси кои користат ЦНГ. Новиот систем е предвидено да има две линии кои ќе го поврзуваат градот по линија исток-запад, првата од Ѓорче Петров до Ново Лисиче и втората линија север-југ, од Бутел до Пинтија, а двете линии ќе се преклопуваат во центарот на градот“,
посочуваат од ресорното министерство.
Додаваат и дека преку овие инвестиции, Владата преку Министерството за транспорт и врски ја спроведува транспортната политика за ефикасен и еколошки транспорт во урбаните средини.
Пред неколку дена од Град Скопје посочија дека по две години отстранување на пречките на проектот, предизвикани од претходното градско раководство, градот Скопје конечно ќе добие нов транспортен систем.
Оттаму соопштија дека системот за Брз автобуски превоз доби зелено светло од меѓународните партнери, со што започнува неговата реализација во главниот град.
„Новите еколошки автобуси и ревидираниот систем значително ќе го намалат сообраќајниот хаос во главниот град и ќе овозможат јавниот превоз да се одвива непречено, а доцнењето да биде минато“,
додаваат од Град Скопје.
По ваквата информација, на својот фејсбук-профил се огласи поранешниот градски татко Петре Шилегов, кој на градоначалничката Данела Арсовска ѝ порача дека „на будалите отпосле им текнува“ и дека две години се однесувала како „вошка во перика“.
Проектот за БРТ-системот го започна претходната градска администрација на чело со Петре Шилегов.
Едно од главните предизборни ветувања на Арсовска, чија кандидатура беше поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, беше дека проектот брз автобуски транспорт (БРТ) нема да биде реализиран.
Таа откако ја презеде функцијата на градоначалничка рече дека граѓаните со нејзиниот избор, гласале за проектот за набавка на 250 нови еколошки автобуси и бесплатен јавен превоз.
Проектот е вреден 70 милиони евра, а е поддржан од Европската банка за обнова и развој од каде што беше добиен и кредит.