Само неколку дена откако започна постапката во судницата, судијката Мери Марлоу Сомер пресуди во корист на одбраната и се согласи дека обвиненијата против Болдвин треба да бидат отфрлени откривајќи дека државата сокрила докази кои би биле поволни за актерот

Судијката во американската сојузна држава Ново Мексико го отфрли обвинението за убиство од небрежност и го запре судењето против актерот Алек Болдвин бидејќи обвинителството, според проценката на судот, прикривало докази за тоа како боевата муниција завршила на филмскиот сет каде што беше убиена кинематограферка.
Само неколку дена откако започна постапката во судницата, судијката Мери Марлоу Сомер пресуди во корист на одбраната и се согласи дека обвиненијата против Болдвин треба да бидат отфрлени откривајќи дека државата сокрила докази кои би биле поволни за актерот. Отфрлањето става крај на случајот за ненамерно убиство против Болдвин, пренесува „Гардијан“.
„Задржувањето информации од страна на државата беше намерно. Нема начин судот да ја исправи оваа грешка“,
рече Сомер.
Адвокатите на Болдвин тврдеа дека полицијата и обвинителите прикриле докази кои би можеле да бидат во корист на актерот.
Клучно прашање во случајот беше како боевата муниција завршила на снимањето, а адвокатите на Болдвин ја доведоа во прашање истрагата и укажаа на грешки направени од државните органи кои го обработувале местото на злосторството.
По оваа судска одлука, обвинителите нема да можат повторно да го обвинат Болдвин.
Алек Болдвин беше обвинет за убиство од небрежност за пукањето на сетот на филмот „Раст“, во кој беше убиена кинематограферката Халина Хачинс.
За време на престрелката на филмскиот сет во 2021 година беше ранет и филмскиот режисер Џоел Соуза, но обвинителите соопштија дека нема да бидат покренати обвиненија во врска со тоа.