Оперативно-техничката агенција – ОТА, од почетокот на годинава следела 258 комуникации, од кои 159 се се уште активни. Следењето на комуникациите е максимално безбедно и не може да се случи истекување на разговорите , вели првиот човек на ОТА Зоран Ангеловски.
На прашањето дали од тие 159 активно следни комуникации има и такви за случајот „Рекет“, Ангеловски кажа дека ОТА нема увид во идентитетот на лицата што се следат, но потоа додаде и „веројатно“.
„Иако барањата за следење на комуникациите ОТА ги добива со скриен идентитет, веројатно има и од тие телефонски броеви“,
вели директорот на ОТА, Зоран Ангеловски.
Во посета на ОТА денеска беше собраниската Комисија за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите, со која претседава пратеникот Емил Димитриев.
За сите следени комуникации, Комисијата утврдила дека ОТА поседува уредна судска наредба.