По соопштението од ДКСК дека оставката на Рашковски не влијае на работата по предметите поврзани со него, до медиумите стигна и-мејл од еден од членовите на Антикорупциска, Нури Бајрами, со содржина „Кога е заземен овој став?“. Во разговор со „360 степени“, Бајрами вели дека не станува збор за неусогласен став туку за техничка грешка и недоразбирање
Оставката на Драги Рашковски од функцијата секретар во кабинетот на премиерот нема да влијае на работата на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) во предметите против него.
„Оставката на поранешниот генерален секретар на Владата на Република Северна Македонија не влијае на работата по споменатите предмети. Постапувањето ќе продолжи согласно надлежностите и процедурите на ДКСК“,
соопштија од Антикорупциска.
Оттаму објаснуваат дека работата ќе си продолжи без разлика што тој повеќе не е на функција, бидејќи евентуално направените дела остануваат, а и веќе се побарани информации за предметите.
Тие укажуваат дека единствено не можат да ја следат имотната состојба по завршувањето на функцијата, но само ако за тоа веќе не е оформен предмет. Во конкретниот случај со Рашковски, како што веќе информираа од ДКСК, предметите се во тек и се работат.
Антикорупциска, минатиот месец, по сторијата на „360 степени“ отвори предмет за набавката на софтвер за контрола во сообраќајот направена во времето кога тој беше генерален секретар на Владата. Исто така, се проверува и неговата имотна состојба со оглед на разликите во анкетниот лист, за кои исто така пишуваше „360 степени“. Вчера ТВ Алсат објави и дека Рашковски во Побожје ќе гради хациенда од 800 квадратни метри.
По соопштението од ДКСК дека неговата денешна оставка не влијае на работата по предметите поврзани со ексгенералниот секретар, до медиумите стигна и-мејл од еден од членовите на Антикорупциска, Нури Бајрами, со содржина „Кога е заземен овој став?“.
Во разговор со „360 степени“, Бајрами вели дека не станува збор за неусогласен став туку за техничка грешка и недоразбирање.
„Соопштението стигна и на мојот и-мејл и мислев дека е пратено до нас членови, по грешка го испратив до сите медиуми. Бидејќи поради ситуацијата голем дел од времето работам од дома, мислев случајно да не сум пропуштил нешто и да не станува збор за некој нов предмет. Потоа видов дека се однесува на веќе оформените предмети, за кои членовите на ДКСК можат слободно да ја информираат јавноста. Инаку, во целост се согласувам со соопштението дека оставката на Рашковски не влијае на работата по предметите“,
вели Бајрами.
Инаку, покрај Антикорупциска, за набавката на софтверот за сообраќајни прекршоци предмет по допрен глас – предистрага отвори и Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Оттаму веќе побараа информации и документи од институциите, се вршеше и претрес во фирмата „Инвока гроуп“, а на распит беа повикани и актуелниот и поранешниот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски и Наќе Чулев.
Од обвинителството не откриваат дали и Рашковски веќе бил или е повикан на распит.
„Во насока на расчистување на случајот, надлежниот обвинител повикува лица за кои цени дека со информациите и сознанијата што ги поседуваат ќе му помогнат во донесување на мериторна јавнообвинителска одлука за понатамошниот тек на постапката, во меѓувреме се преземаат и други процесни дејствија“,
ни одговорија од Обвинителството.