Во средата на распит како сведок бил повикан и дал исказ сегашниот прв човек на полицијата Спасовски, а во четвртокот тоа го сторил и поранешниот технички министер Чулев
Актуелниот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, и поранешниот технички министер, Наќе Чулев, изминатите денови биле на распит како сведоци во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
Во средата на распит како сведок бил повикан и дал исказ сегашниот прв човек на полицијата Спасовски, а во четвртокот тоа го сторил и неговиот претходник Чулев.
Како што јавува Телма, Спасовски давал исказ дека МВР нема потреба за софтверот купен од Рашковски, бидејќи сметало дека користењето на „Сејф сити“ системот за сообраќајни прекршоци е спротивен на законската заштита на лични податоци. „Сејф сити“ се користел само при кривични истраги, па поради тоа немало одлука за набавка, ниту потреба од софтверот купен од Драги Рашковски во времето кога бил генерален секретар на Владата.
Ексминистерот Чулев пред Обвинителството кажал дека во текот на неговиот мандат немал информации за набавката на софтверот на Рашковски. И Спасовски и Чулев сведочеле пред шефицата на Обвинителството за гонење органзиран криминал и корупција, Вилма Русковска.
Според Телма, Рашковски кој сега има секретарско место во кабинетот на премиерот Заев, не е повикан на распит, но редовно оди на работа откако се врати од одморот во Мексико. Покана за распит засега нема ниту сопственикот на фимрата „Инвока гроуп“, во чии простории вчера беше извршен претрес.
„360 степени“ на 9 март ја објави сторијата за софтверот за сообраќајни прекршоци во вредност од 81 000 евра, кој Рашковски го набавил за потребите на Министерството за внатрешни работи, а оттаму велат дека ниту биле консултирани за набавката, ниту, пак, планираат да го користат. „360 степени“ откри и дека токму Рашковски е сопственик на патент за систем сличен на софтверот што го набавил со пари од буџетот.
*Поврзани стории:
(ВИДЕО) Рашковски прво го платил софтверот, па дури потоа го тестирал
Асоцијацијата на пронаоѓачи го разголи Рашковски: Софтверот е негов
Поповиќ: Каков дополнителен доказ треба да прикаже „360 степени“ за Рашковски да биде сменет?
Рашковски за „Фокус“ самиот потврди дека е во Мексико
Русковска: Ако ниту еден орган не преземе дејствија за Рашковски, тоа ќе го сториме ние